Menu

Проект за развој на платформа за Internet of Things (Интернет на нештата)

Целта на проектот е развој на платформа за Интернет на Нештата (Internet of Things) која ќе претставува сеопфатна и прилагодлива алатка за брз и ефикасен развој на иновативни паметни решенија.

Мотивација

Денес примената на Интернет на Нештата како нова генерација на Интернет е распространета во речиси сите стопански гранки и е главен двигател на дигитализацијата на светот. При контакт со бизнис заедницата увидовме повеќе можности за развој на паметни решенија за кои би имало побарување на националниот и на регионалниот пазар. Исто така, добивме сугестии и од колеги инжинери кои ни посочија на можности за развивање на нови услуги приспособени за регионалниот пазар.

За платформата

IoT платформата претставува повеќеслојна технологија која овозможува едноставно користење, управување и автоматизација на поврзаните уреди. Платформата овозможува поврзување на различните хардверски решенија до cloud инфраструктурата, без обзир на системските разлики и капацитетот на уредите. Исто така, платформата нуди флексибилни можности за поврзување на уредите, безбедносни механизми кои гарантираат висок степен на сигурност како и широк опсег на можности за обработка на податоците.

За развојот на паметни решенија, IoT платформата нуди збир на компоненти готови за употреба, кои во голема мера го забрзуваат развојот на апликации за паметни решенија, и ја подобруваат приспособливоста и компатибилноста на повеќе различни уреди. Нашиот главен мотив за развој на платформата е тоа што таа ќе овозможи брзо и олеснето создавање на нови кориснички апликации и софтвер како резултат на тоа што контролата и комуникацијата со уредите ќе ја врши самата платформа. Софтверот само ќе испраќа наредби до платформата која ќе ја превземе улогата на двигател на паметните услуги.

Покрај тоа што ќе го поедностави развојот на нови апликации и услуги, платформата ќе понуди и нови функции кои ќе можат да бидат применети во повеќе решенија. Па така, на пример, податоците собрани од сензорите и статистиката за извршените команди на придвижувачите можат да бидат анализирани од платформата за да се креира знаење во одреден домен, кое ќе му биде достапно на клиентот за подобрување на услугите или за донесување на бизнис одлуки.

Важна придобивка од платформата е и флексиблноста која таа ја овозможува во поглед на усовршување на паметните решенија и прилагодување кон потребите на корисниците, со што нашите решенија би станале поконкурентни на пазарот. Исто така, платформата ќе овозможи интеграција и со други паметни решенија.

Во моментот проектот е во првата фаза на развој и тестирање, кој ги опфаќа следните активности: развој на софтвер за интеграција и комуникација со уредите, развој на апликациски програмабилен интерфејс за клиентски апликации, развој на функции за анализа и обработка на податоци, дизајн и изработка на хардверски модули и друго.

Би ни причинило задоволство доколку имате интерес за соработка на комерцијално или развојно ниво, или пак ако само сакате да дадете сугестија или критика можете да не контактирате на следниот меил: dejank@iphome.biz

Проектот е поддржан од Фонд за иновации и технолошки развој